Боровец е најстариот и најпопуларен ски центар во Бугарија, сместен на падините на планината Рила на која се наоѓа и највисокиот врв на Балканот. Од Софија е оддалечен 80км, од Скопје околу 220км. а најблизок град му е Самоков (на околу 10км) кој е богат со најразлични културно историски знаменитости. Зимскиот ски центар е основан на крајот на 19 век како ловен резерват за бугарските цареви. Боровец подоцна се развил во модерен ски-центар со луксузни хотели од висока категорија, ресторани, дискотеки, продавници и голем број на ски терени и ски лифтови. Боровец двапати беше домаќин на Светскиот куп во алпско скијање. Покрај одличните можности за целодневно уживање во зимските спортови, Боровец има голем број хотели, барови, кафулиња, ресторани, ноќни клубови, нудејќи незаборавна забава со локална и интернационална кујна.
Ски-центар Боровец
Сезоната за скијање трае до крајот на мај и нуди одлични услови за секаков вид спорт (алпско скијање, сноубординг, крос-кантри, скијање...). На располагање има 15 патеки од кои 3 се опремени со топови за вештачки снег, како и за ноќно скијање, со вкупна должина од преку 58 км. Скијачките патеки се простираат на надморска височина од 1350 м - 2560 м, и се прилагодени како за почетници така и за оние најискусните во овие спортови. Центарот располага со гондола, седешници, ски-лифтови (со капацитет од околу 15.500 луѓе на час). Од подножјето до врвот вози четвороседна гондола. Покрај гондолата, скијачкиот центар има систем од 13 жичарници, 3 четвороседи, 2 двоседи и 6 ски-лифтови. Покрај патеките за алпско скијање (меѓу кои 21 км сини, 17 км црвени и 7 км црни патеки), скијачкиот центар Боровец има и два уредени фристајл паркови, патеки за нордиско или крос кантри скијање (со должина од 13 км) и една од најдобрите патеки за биатлон во Европа. Посебна особеност на ски-центарот Боровец се скијачките патеки, кои се опремени со најмодерен систем за ноќно скијање. Одличните временски услови (со просечна температура од 4,8 ° C во јануари), модерниот систем на патеки и ски-лифтови, како и системот за вештачки снег, овозможуваат сезоната на скијање да трае од декември до април. Совршената комбинација на локација, клима и географска положба на Борoвец привлекува секоја година огромен број на туристи од цела Европа.